TOW#623 — ЛИЧНО

Tip of the week
4 min readDec 2, 2021

--

Често пати се среќавам, (но и сум се нашла),а верувам и вие, со луѓе коишто сигурно и самоуверено го изјаснуваат својот став кон одредени работи. Најчесто во овие дискусии знаеме да се препознаме и навредиме, односно да почнеме да се браниме-многу добро знаеме како тоа изгледа.

Во природата на човекот е да се брани кога ќе почувствува дека е загрозен или нападнат. Но, што кога ние само мислиме дека сме нападнати, а вушност сме се препознале во одредена ситуација и си ја „ишкаме мувата од капата” ?!

Неодамна имав една интересна дискусија со блиска личност и заврши не толку симпатично. Зошто велам не толку симпатично?! На кратко кажано, дискутиравме за правата на една индивидуа во зависност од нејзината општа моментална ситуација. Како се одвиваше дискусијата и двете се натегавме околу тоа кој е во право и не сакавме да попуштиме. Бидејќи имавме дијаметрално различни ставови, почувствував за момент дека целата дискусија станува тензична, бидејќи мојата пријателка почна да реагира бурно и демонстративно ја напушти просторијата.

Е, ова веќе ме стави во една подетална анализа на целиот разговор.

Кога влегувате на ваков начин во одредена дискусија вие влегувате лично. Ќе ви објаснам подетално околу ова малку подолу.

Дечки, кога дискутираме на некоја одредена тема без оглед за што станува збор (љубов,пријателство, работа, финансии, проблеми итн.), и нашиот соговорник има тотално различен став од нашиот, не секогаш значи дека нè напаѓа, не нè сака или дека сака да ни каже нешто меѓу редови. Ако се препознаете во некој дел од разговорот или ако почувствувате дека нешто од кажаното е наменето за вас, размислете дали тоа е повеќе поврзано со вашето внатрешно јас (потиснати стравови, потиснати емоции, комплекси, фрустрации), отколку директна нетрпеливост кон соговорникот.

Вербалната комуникација е основен начин на разбирање помеѓу луѓето и ако не знаеме како ефективно да комуницираме, може да се разбереме многу погрешно или воопшто да не се разбереме.

Еве неколку совети како може да ја подобриме комуникацијата:

1. Не си го земајте кажаното при срце

Пак ќе речам, не сè што е дискутирано е наменето за нас лично како напад, навреда или со намера да бидеме испровоцирани. Едноставно се работи за различни гледишта на нештата.

2. Седнете и размислете што од кажаното најмногу ве повредило

Анализирајте ја целата ситуација, разговор и пробајте да донесете разумен заклучок, што било тоа што ве испровоцирало да изреагирате (или да не изреагирате) бурно.

3. Анализирајте ги сопствените емоции

Пробајте да се спознаете себеси на повисоко свесно ниво. Поставете ја самокритичноста едно ниво погоре, но внимателно да не преминете во зоната на „ниска самодоверба”. Поврзете ја минатата емотивна состојба со сегашната, откако веќе сте ја оладиле главата и пробајте да откриете од каде доаѓа целата таа фрустрација, страв, емотивен ролеркостер или што и да е.

4. Бидете објективни

Речиси и невозможно, не секогаш, ама е многу тешко да се биде објективен. Субјективноста е убиец на носењето разумни одлуки, бидејќи ние луѓето имаме тенденција да даваме совети најчесто како резултат на нашето минато искуство, значи НАШЕТО! Сите сме индивидуи, различно го гледаме светот и според тоа се разликуваме едни од други.

Потрудете се да го гледате натпреварот од дома, пред ТВ-набљудувајте!

5. Не генерализирајте

На пример, ако на вас и неколкумина им било мачно да стануваат рано наутро и да прават одредени утрински ритуали, не значи дека сите останати луѓе на планетата Земја ќе се чувствуваат така (прочитајте ја точка 4 повторно).

6. Его

Егото во вакви моменти е најзасегнато. Во ситуации кога гориме од желба да се докажеме, наткажеме, да се правиме паметни над сè и секој, многу веројатно е да боледуваме од повредено его. За ова има многу да се пишува, во некоја следна пригода можеби, така што сега ќе бидам кратка и јасна. Less ego, more empathy.

7. Согласете се или не се согласувајте

Ако едноставно сте пробале сè од погоре наведеното, а веќе гледате дека дискусијата само што не преминала во тепачка, согласете се дека не се согласувате.

Најпросто кажано, кога се убедуваме во вакви ситуации е исто како да си збориме со некој рандом лик од Германија на некоја социјална мрежа и да си кажуваме кое место е поубаво за живеење. Дали Македонија или Германија. А реално и двајцата знаеме само за една од тие држави.

И запомнете, не можеме да го смениме светот, сè што можеме да направиме е да работиме на себеси и да градиме подобра верзија од самите себе со секој нареден ден што доаѓа.

Со успех во промените,

Фросина Трајановска

If you would like to receive these texts by e-mail or you think that some of your colleagues, associates or friends might be interested in them, please get in touch at

tow@macedonia-export.com

--

--

Tip of the week
Tip of the week

Written by Tip of the week

An interactive handbook for personal and professional development. Dedicated to CHANGE - in all its glory!

No responses yet