TOW#625 — Снаоѓање!
Минатата недела со колешката тргнавме на еден состанок, и додека чекавме семафор на раскрсница, сведочевме на филмска сцена од еден возач. Тој не само што влезе со својот џип во спротивната лента, туку помина преку островчето од другата страна, застана на среде улица, зема една ќеса од некој што го чекаше, направи “U” недозволено свртување (повторно преку островчето) и си замина во далечината. После неколку секунди на „непријатна тишина”, во која се најдовме со колешката, ми рече — „си се снајде бе човеков, за да си заврши работа!“
Снаоѓање е преубав збор, карактеристика или вештина. Според Кембриџ речникот, означува „успешно справување со проблемите или тешките ситуации”. Да сте снаодливи во животот или да знаете вешто да се справувате со проблеми, е фантастична вештина која може да ја поседувате. Тоа значи креативност, стратешко размислување, значи висок когнитивен капацитет. Но, кога постојано живеете во „состојба на снаоѓање”, и кога тоа е единствениот начин за функционирање, приватно и професионално, тогаш целосно ви се искривува сликата за тоа што е нормално, а што ненормално живеење и функционирање. На тој начин и користа од снаоѓањето се губи.
Живеејќи така, се изедначувате на ниво на животните (кои единствена цел во животот им е само да преживеат), и станувате диви, примални и безобѕирни. Кога живеете во состојба на снаоѓање, тоа ве тера да се криете зад најглупавото правило на „целта ги оправдува средствата”. Дека впрочем, ви е дозволено сè и може да прегазите преку живи луѓе, само да стигнете до саканата цел или резултат. Уште пострашно е тоа што кај нас дополнително „снаоѓањето”, и тоа како си зафркнал некого или си успеал да изманипулираш со цел да добиеш нешто, се цени и се смета за поголем успех, отколку да направиш нешто морално, етично и добро.
Следен пат пред да дојдете во ситуација да се „снајдете”, прашајте се:
- Дали навистина вреди и треба да се искористи некоја тактика на „снаоѓање” за добивање на таа цел!?
- Дали некого ќе повредам со тоа што ќе го направам!?
- Дали прекршувам некои правила и закони!?
- Колкав е ризикот од тактиката што ќе ја направам, за себе и за блиските околу мене!?
- Дали можеби треба да бидам поиздржлив и истраен и да направам/следам подолгорочен план или стратегија (отколку само да се снајдам сега за сега)!?
- Дали можеби ќе ми треба помалку енергија ако подобро испланирам пред да делувам!?
Во секој случај убаво е да бидете снаодливи, но гледајте да не ви прејде во животен стил!
Со успех во промените,
Петар Лазаров
Член на тимот