TOW #629 — Краток текст
Ви се случило некогаш да ви каже некој (или да се најдете во ваква слична ситиација): „ај молим те само напиши 2–3 реченици набрзина, дека немам/е многу време“!? И, после вие заглавувате на тие 2–3 реченици 2–3 часа!
Не грижете се, тоа е нормално! Многу луѓе мислат дека, ако треба да се напише некој краток текст или порака или е-пошта, а да биде со суштинско значење, ќе ни треба помалку време отколку да пишеме некој подолг текст. Но, во суштина, должината на текстот понекогаш е обратнопропорцијална на времето што треба за да се напише таа порака.
„Ќе напишев пократко писмо, но немав толку време.“
Blaise Pascal
Во денешно време, најголем дел од времето пишуваме текстови. Пишаната комуникација е една од најкористените типови комуникација. Веќе и со блиските пријатели, не само што нема да се видиме лично, туку ни на телефон не се слушаме да си честитаме родендени. Доволно е да си пишеме на ФБ или во ВИБЕР групата. А, што е најинтересно (или најстрашно), сум пишувал многу на оваа тема, пишаната комуникација е и најнеразбирлива. Точноста на пораката што ја испраќаме преку пишана комуникација изнесува само 7–8 %. Другото е на невербалната и вербалната комуникација.
Затоа, кога ќе сакате да напишете некој краток текст или промотивна порака, продажен текст или е-пошта со суштинско значење, имајте на ум неколку совети што може да ви помогнат при појасно дефинирање и пренесување на пораката.
Бидете конкретни: веднаш уште на почетокот најавете за што пишувате или што ви е поентата на текстот.
Фокус на една цел/поента: немојте да изнесувате неколку поенти или цели во една порака. Ќе го изгубите значењето и на најважната поента што сте сакале да ја пренесете.
Секундарна порака: ако имате нешто дополнително да најавите, да истакнете, тогаш само нафрлете го, но немојте многу да елаборирате. Ако другата страна има интерес, сама ќе си побара повеќе информации.
Шок/јадица/вредност: ако сакате да бидете впечатливи и да оставите белег, односно вашата порака да биде земена предвид, мора да имате моќна изјава од вредност. Пораката да биде од интерес за читателот. Дали ќе има вредност за него или ќе го шокирате, важно е да оставите впечаток.
Коригирајте: откако ќе ја напишете кратката порака, пробајте уште повеќе да ја скратите. Сигурно може! Намалете на непотребно објаснување; тргнете ги зборовите што се повторуваат; тргнете ги речениците што не се во релација со главната поента; наместо една долга реченица, направете две кратки итн.
Ставете се во улога на читател: можеби звучи неважно, но не сте свесни колку ќе сфатите дали ви е добра или не пораката, само ако се замислите дека сте читател/примател на пораката.
Најдобар начин да се тестираат овие совети е во практика. Следен пат кога ќе напишете некоја важна е-пошта, филтрирајте ја пораката низ овие совети.
Со успех во промените!
Петар Лазаров,