TOW#631 — Дали работата ве прави среќни?
Минатата недела имав привилегија да запознаам исклучително успешен Блумберг лик од Њујорк (Генерален менаџер на неколку светски познати компании, стратешки советник на бизниси од различни дејности, јавен говорник и писател), кој штотуку слетан во Скопје и зборуваше со полна енергија и идеи за работата. Толку голем, докажан човек, а сè уште воден и возбуден од тоа што го прави.
Тоа ме натера да се запрашам, колку луѓето се радуваат на својата работа или наоѓаат мани во неа? Со постапките кои ги преземаме на работа, си должиме на себеси да бидеме корисни, инспиративни и задоволни. За да бидеме/останеме позитивни, треба да се одржи конзинстентен став со многу ентузијазам и дисциплина. Во продолжение, неколку активности од моето секојдневие што ми помагаат да постигнам ефект на среќа за време на работата:
1. Почит. Независно од позицијата, играјте ја својата моментална работна улога најдобро што можете. Бидете вредни, доследни и почитувајте се себе си и другите.
2. Организација. Правете план за утрешниот ден, од тоа како ќе се облечете, кога ќе јадете, до тоа што ќе постигнете. Служете се со алатки за организација: аларми, потсетници, календари, апликации. Минимализирајте ги случајните активности, тоа не значи дека ќе ја загубите спонтаноста, наспроти, ќе ја уживате многу повеќе.
3. Посветеност. Не е ова час на кој треба само да се појавите за 2-ка, ако сакате да живеете живот за 10-ка. Потребна е целосна присутност и концентрација, бидејќи секоја добро завршената задача ја зголемува самодовербата.
4. Одговорност. Намалете со социјални мрежи, стојте позади сработеното и преземајте поголема одговорност.
5. Проценка. Внимавајте што зборувате и пред кого. Не потценувајте никој во процесот, не е залудно кажано дека молчењето е злато.
6. Љубопитство. Имајте повеќе работни интереси, следете релевантни извори, стекнувајте нови вештини, слушајте курсеви, полагајте за сертификати, цртајте, патувајте или одете на пливање. Бидете секогаш свежи и интересни.
7. Чесност. Без одложување на обврските, да бидеме чесни кон сопственото време, труд и продуктивност, уште повеќе кон туѓото.
8. Лични цели. Поставувајте краткорочни и долгорочни цели и мерете за колкав временски период ги остварувате. Запишете што сакате и ако е искрено, ќе наоѓате начини за да ги остварите. Ако не го остварувате, значи не ги сакате доволно и почнете да се запознавате себе си без фрустрација.
9. Добри навики. Рано будење со музика, медитација, афирмација, вежбање, читање, пишување, визуелизација. Повеќе за тоа на https://miraclemorning.com/
10. Применување. Да не бидеме демагози, и најголемото знаење без примена е ништо.
Дали треба да се менувате? Треба да одлучите сами…
Да се биде угледен пример не е едноставно, но секоја работа е тешка додека не стане лесна. Успех е да се сетираме дека среќа во работата не е само чувство, туку инвестиција, трпеливост, иницијатива, мотивација и храброст. Ако сакаме пристоен живот, со достоинствени луѓе до себе, не треба да прифаќаме ништо помалку од искри во очите кога зборуваме за сопствениот план на акција.
Ема Муратова
Regional Manager
Pikasa Analytics
Надворешен соработник на TOW