TOW#639 — Кругот е затворен!
Дали ја знаете онаа приказна кога некој човек си ловел риби и му дошло некое младо енергично момче, полно се ентузијазам, визија за освојување на светот и почнал да го советува како и што може да направи со цел да го развие својот бизнис и да направи многу пари?!
Приказната иде вака:
- Младичот: Што правиш?
- Рибарот: Еве си ловам риби!
- Младичот: А што не земеш 3 трски и да ловиш со сите одеднаш?
- Рибарот: А зошто!?
- Младичот: Па, како зошто!? Така ќе имаш повеќе шанси да уловиш повеќе риби!
- Рибарот: И што!?
- Младичот: Е, па ќе направиш повеќе пари и ќе си купиш уште трски!
- Рибарот: И што ако!?
- Младичот: Па, ќе направиш многу пари и ќе можеш да си купиш бротче и да ловиш уште поголеми количини риби!
- Рибарот: И што после!
- Младичот: Како што после!? Ќе си купиш уште повеќе бродови и ќе си имаш уште повеќе пари!
- Рибарот: И!?
- Младичот: После ќе си бидеш среќен и ќе уживаш во животот!
- Рибарот: Еве, тоа и правам!!!
Многу често, кога сум ја зборувал оваа приказна со пријатели, соработници, колеги, сум сфатил дека не е баш правилно разбрана од сите. Генералниот став е дека треба да удриш „бригу на весеље”, што би рекле некои и да си среќен со тоа што го имаш. Тоа теоретски, и на едно повисоко свесно ниво на човечкото битие, треба да е така. Меѓутоа во пракса не е баш така.
Доколку не се затвори кругот, доколку не се помине целосно искуството, и тоа не помине низ нашето тело, ум и срце, ние никогаш нема да бидеме среќни. Односно, никогаш нема да се чувствуваме комплетирано и исполнето. Секогаш ќе ни стои мислата „што ако”, „дали требаше”, „што ќе беше да направев вака/така” итн. Рибарот, не мора да значи дека ги поминал сите тие фази што му ги предложи младичот или дека ги направил сите пари на светот. Неговата реакција значи дека го поминал и целосно го преживеал искуството што му било потребно и го затворил тој круг, циклус во неговиот живот.
Почитувани мои читатели, соработници, пријатели, поддржувачи, дојде време да ви најавам дека и кај мене, во една фаза во мојот живот, кругот се затвори. Ова е мојот последен неделен совет. После 15 години, решив да се повлечам од сите активности на Македонија-Експорт и да започнам да развивам „соло” кариера. Ви благодарам многу што ме поддржувавте сите овие години, што ги читавте, споделувавте и ги користевте моите совети. Се надевам ќе имаме и други можности за дружење, комуникација и споделување на знаење и информации. Кругот е затворен, змијата си ја гризна опашката!
Првиот неделен совет го пишав јас и тоа на 26.11.2009 (и тогаш се падна Thanksgiving), последниот е со број #639, што би рекол Никола Тесла „ако ја познавате величенственоста на броевите 3, 6 и 9, тогаш ќе го имате клучот на универзумот”. На некој начин, според оваа симболика верувам дека овде кругот е затворен и време е за нови почетоци, авантури и димензии на живеењето.
Секој феномен (појава) кој е искусен целосно, од почеток до крај, станува празнина и креира мудрост!
БУДА
Кога и да не знаете каде да одите, колку и да не сте сигурни што да правите, секогаш нека ве води светлината во вас!
Петар Лазаров
Автор, консултант за стратешки менаџмент, маркетинг и продажба, обучувач, експерт за брендинг и развој на бизниси, мотиватор, едукатор, инспиратор, учител и ученик, пријател, колега, филозоф и тупаџија, ништо и сешто и бивш член на тимот Македонија-Експорт