TOW#648 — Ако не ти, некој друг
Многу луѓе се плашат да ја кажат идејата, под изговор дека можеби некој ќе може да им ја украде! Како не бе, нема шанси некој да ви ја украде идејата, да си знаете. Не за друго, и да ви ја “украде”, бидете сигурни дека нема да можат да ја имплементираат затоа што сепак во вашата глава е начинот на остварување на истата.
Проблемот е ако идејата е само идеја, а нема разработен план, тогаш ќе ви се случи моментот да ја видите истата идеја неколку месеци или години подоцна како некој ја рекламира. И тогаш ви иде да си пукате во нога зашто не сте ја оствариле, туку некој друг после вас ја остварил. Да не навлегувам во филозофии, но животот е како едно тркало, кое во еден момент ви дава вам можности, но ако не ги искористите, истите ќе ги даде на некој друг. Имате опција да седите и чекате, но додека чекате, конкурентот не чека и работи!
- Без да направите чекор, нема стигнување до целта! — Ако имате цел, ако имате идеја, тогаш треба и да преземете чекори за остварување на истата. Не преземање на акција е како да стоите во место и да се жалите дека светот поминува, сите се против вас, владата и другите се виновни. Но сето тоа можете да го промените само со преземање на првиот чекор и започнете со реализација.
- Пред да го направите првиот чекор! — Ако имате навика да не дејствувате, немојте одеднаш да преминете во улогата на Captain Action. Големи се шансите да се испаничите затоа што со голема (голема за вас) брзина искачате надвор од вашата комфорна зона. Не правете скокови, правете мали чекори. Преземете активности кои ве туркаат до границата на вашата комфорна зона. Кога сте на границата на вашата комфорна зона, ќе пораснете и тогаш ќе бидете подготвени за првиот чекор. До вчера сте биле “мрзлив” и успорен, и веќе од утре очекувате да бидете супер активни и со голема брзина. Епа не иде тоа така. За да го постигнете тоа, тогаш треба да играте многу безбедно.
- Почеток! — Застанете и размислете каква можност, идеја или поволна ситуација имате моментално во вашиот живот. Сега, каква акција ќе преземете по тоа денес? Какви мерки ќе преземете за тоа утре?
Ова ви го кажувам затоа што сакам да ве поттикнам идејата да ја преточите во некаков си акционен план во кој ќе биде и бизнис план. Затоа што ако остане само на идеја, тогаш навистина, ако не ти, тогаш некој друг ќе ја оствари!
Со успех во промените,
@kalinbabusku
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг
www.macedonia-export.com