TOW#661 — Очекувања

Tip of the week
2 min readAug 25, 2022

Сите ние имаме некакви очекувања од некого или од нешто. Знам дека ова е тема која е многу широка и општа и зафаќа многу под теми, но сите нив ги спојува една иста работа, а тоа е крајот односно разочарувањето или не, од тие очекувања.
Тоа е така затоа што или ние си ги поставуваме многу високо или тие од другата страна ги имаат поставено многу ниско или обратно.

За да нема или се намалат разочарувањата, тогаш:

  • Комуницирајте — многу е важно да ги комуницирате очекувањата. Затоа што ако не ги искомуницирате, тогаш нема да се знае кој што да очекува. Не можете да барате од вработените да бидат исполнителни ако ниедно очекување кое е од нив побарано (временска рамка, што се бара, зошто се бара тоа итн ) не е искомуницирано. По можност, таа комуникација да биде и во пишана форма, за да се знае!
  • Повторување — веќе ако се искомуницирани очекувањата, тогаш убаво е да се има некаков мониторинг на истите по патот до нивното исполнување. Во тек на тој пат, убаво е неколку пати да се повторат кои се очекувањата, да нема после тоа забуна. Е ако и после тие повторувања не се исполнат како што треба, тогаш навистина имаме проблем!
  • Кажувајте и Слушајте — ако еднаш ме разочараш, ќе ти кажам и се надевам дека наредниот пат нема да се повтори. И сакам и мене да ми кажат, воочат. Но истотака, ако ви е веќе кажано (и по неколку пати) тогаш слушајте и процесирајте го тоа. Кажано ви е, пробајте да се поправите ако можете, а ако не можете, кажете зошто не можете. Ама ако ви е кажано, а не се поправате, епа тогаш не знам што да ви кажам сем дека немојте да се разочарате ако не очекуваат веќе ништо од вас.
  • Исполнителност — ако веќе се бара нешто од вас и ако ви е кажано како треба да биде направено, тогаш направете го тоа така како што е побарано или подобро од тоа. Немојте да разочарате. Бидете максимално исполнителни.
  • Повеќе од тоа — секогаш целете на повеќе од она што се бара од вас. Направете го тоа заради вас самите, не заради другите. И нека не ви е гајле дали другите ќе го согледаат тоа или не ама напоменете им дека сте направиле повеќе од она што е од вас побарано. Пример: Ако сте рекле дека ќе го завршите нештото до некој период, видете ако може да го завршите и порано!

Како што и започнав, очекувањата се многу зезната работа. Очекувањата се многу поврзани и со довербата. Затоа, немојте да се доведете во ситуација да не очекуваат ништо од вас!

Со успех во исполнување на очекувањата,

@kalinbabushku

Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг
www.macedonia-export.com

--

--

Tip of the week

An interactive handbook for personal and professional development. Dedicated to CHANGE - in all its glory!