TOW#666 — Мултитаскинг — вештина или болест?
Во ерата на дигитализација на работното место, мултитаскингот дојде како природен одговор на постојаните дигитални дразби од нашата околина. Работам задача, истовремено доаѓа електронска пошта со назнака итно, на телефон ми доаѓа итна приватна порака, на вајбер шефот ме прашува до каде е задачата…
Сите сме слушнале, ако не и си поиграле со мултитаскингот. Не е проблем, можам истовремено да завршам неколку неповрзани задачи, така сум поефикасен. Сите имаме барем еден колега кој е постојано зафатен, скока од една на друга задача, цело време е фокусиран. Дури и менаџментот го прифати мултитаскингот како нешто природно па почна планирањето да го прави на база на претпоставка дека вработениот може да заврши две задачи во една единица време и со тоа да ја зголеми ефикасноста за 100%.
Но што вели науката?
Неодамнешна студија на Универзитетот Станфорд покажува дека не само што мултитаскингот не е продуктивен, туку напротив е штетен и ја намалува ефикасноста на вработените. Имено студијата покажала дека луѓето кои се склони на мултитаскинг имаат поголем проблем со концентрација и фокус на завршување на задачи и се полесно подложни на дразби кои им пречат во завршување на задачата. Истражувачите заклучиле дека времето кое е потребно да се вратите на оригиналната задача, откако сте се префрлиле на нова, е еднакво на времето поминато на новата задача плус времето кое нормално ви е потребно за да се фокусирате на една задача. Дополнителни истражувања во ова поле се дури и пострашни. Па така според студија на Универзитетот Сасекс кај испитаниците докажани „мултитаскери“ се забележани промени во структурата на мозокот и тоа намалување на густината на мозокот во делот anterior cingulate cortex, регија која е одговорна за емпатија, како и когнитивна и емоционална контрола.
Истражувањето исто така покажува дека покрај успорувањето, мултитаскингот го намалува Коефициентот на интелигенција. Студија на Универзитетот во Лондон покажала дека учесниците кои користат мултитаскинг за време на извршување на когнитивни задачи осетиле пад на IQ кој е еднаков како при пушење марихуана или бессона ноќ. Со пад на IQ od 15 поени луѓето кои користат мултитаскинг имаат скор како и 8 годишно дете.
Место заклучок.
До вработените:
- Наместо мултитаскинг приоретизирајте ги задачите по итност и вршете ги една по друга, не истовремено. Времето е тоа, трошете го паметно, не расеано.
До менаџерите:
- Ако како фактор на планирање го вметнете мултитаскингот помножете го времето со фактор 2 и повторно планот нема да биде реален. Барајте оптимум од своите вработени, не невозможното.
Со успех во промените,
@Andon_USA